Augustus Pablo (Horace Swaby)

Напишано од Иван Ивановски Рецензии

Не само што беше одговорен за воведувањето на мелодиката во музичката мапа, Augustus Pablo одигра и значајна улога во музичката историја на Јамајка. Во неговата улога како музичар и продуцент, има помогнато во оформувањето на реге музиката толку многу, па неговата музика може да се нарече „реге звукот на седумдесетите“.

Легендата започнува во 1969 година кога младиот Horace стоел во една продавница за плочи во Јамајка и во раката држел мелодика која му била дадена од една млада девојка. Инструментот бил користен во училиштата во Јамајка, на часовите по музичко образование, но никогаш порано не бил сфатен сериозно од некој професионален музичар. Herman Chin-Loy, сопственикот на продавницата за плочи, кој имал репутација за експериментирање со нови звуци, а воедно бил и музичар побарал од Horace да му одсвири нешто на својата мелодика и бил толку воодушевен од тоа што го слушнал, што веднаш, уште истата недела му закажал снимање во студио во Кингстон-Јамајка. Синглот кој тогаш го снимил Horace бил наречен „Iggy iggy“, а исто така тогаш и го добил името Augustus Pablo, име кое Herman Chin-Loy им го давал на клавијатуристите кои снимале во студиото веќе неколку месеци, со цел да го скрие нивниот идентитет за да долови одреден ефект на мистичност.

После ова следел уште еден сингл „East of the river Nile“, во кој Horace изведувал базични, но прилично мрачни сола на мелодика и на оргули. Потоа, на 18 годишна возраст Augustus Pablo го имал својот прв хит „Java“. После ова Augustus Pablo оформува неколку свои издавачки компании: прво „Hot stuff“, па „Message“ и „Rockers“. Со ова тој станува дел од неколкуте реге артисти „одметници“, како што биле Lee „Scratch“ Perry, Winston „Niney“ Holness и Glen Brown, кои што ќе остават траен белег на реге музиката и радикално и неповратливо ќе ги редефинираат нејзините параметри.

Уште нешто што му одело во полза на Augustus Pablo било тоа што имал неверојатен талент за пронаоѓање на непознати вокалисти, кои биле неверојатно добри и со тоа и давале посебен шмек на неговата музика. Најуспешниот пример за ова е Jacob Miller, кој под влијание на Pablo, ги испеа Keep on knocking, Each one teach one и Who say Jah no Dread. Dillinger е уште еден музичар кој Pablo го нашол во врвот на неговите способности, а неговите највозбудливи откритија до денес се Hugh Mundell и Tetrack. Други пејачи, како што се The Heptones, Locksley Castell, Ricky Grant, Delroy Williams и Norris Reid, исто така имаат соработувано со Augustus Pablo.

Augustus Pablo ќе биде запаметен како музичар кој има придонесено многу во почетоците на реге музиката и како продуцент, а и како изведувач на мелодика и клавијатурист.

Дискографија: http://www.discogs.com/artist/Augustus+Pablo