Дали само овој ден?

Напишано од Иван Ивановски Рецензии

Си мислев… Дали да ја почнам приказната за Боб Марли со неговата година на раѓање, дискографија, успеси, живот… Но дали некој од вас веќе не го знае тоа? Да, знам дека одговорот е „Го знаеме“, затоа и го почнав текстот вака…

Најпрво сакав да му оддадам почит на кралот на реге музиката, со овој текст а потоа се запрашав, дали сум достоен? Дали ќе успеам да ја доловам големината на неговиот дух? Можеби и ќе згрешам, но на крајот, нели сите грешиме? Зарем е некој од нас доволно праведен за да го фрли првиот камен и да пресуди?

Роберт Неста Марли е најпознатиот музичар на сите времиња. Каде и да отидеш во светов, нема да има негов дел каде што барем еден човек не слушнал за него. Но зошто? Што е тоа кај него што ги привлекува луѓето толку многу? Сте се запрашале?

Дојдете, ќе го изгориме Вавилон…

Војни и гласови за војни се шират насекаде. Брат со брат се најголеми непријатели еден на друг. Децата растат учејки се да се убиваат. Да, не обвинувајте ги младите, секој божиќ тие добиваат пушки, тенкови, воени авиони и разни други играчки кои претставуваат војна, уништување и убивање. Зарем водејќи ги по патот на војната очекувате да се претворат во миротворци? Будали со добро стегнати вратоврски, уништувањето на сиромашните доаѓа од сиромаштијата, уништувањето на душата отвора празнина во телото, што ќе го замени нејзиното место? Јас не сакам да владеам со вас, јас не сакам да ве учам, јас не сакам да ве мамам. Зарем мислите дека сте најдобри со тоа што ме исмевате поради мојата скромност и едноставност? Не сте почувствувале? Кога битката станува тешка и не можете да се борите повеќе, кога мислите дека е време за да се забавувате, а солзи ви течат по лицето. Кога ќе дојде тој момент, нели застанувате за да се запрашате „Дали сум жртва на системот?“ Со секој поминат момент неговите стеги се се посилни. Запаметете, Бог ќе биде таму за да ве заштити. Еј, нели е добро да се знае? Тој ќе ве чека таму, на крајот од патот на праведноста. Без разлика на препреките и тешкотиите. Многу пати седам и се прашувам, зошто оваа трка е толку тешка за трчање? Но потоа и велам на својата душа, охрабри се имаш нова битка пред тебе. Се што ќе се качи до врвот мора да го продолжи својот пат надолу по ридот, бидејќи врвот не е бесконечно висок. Чувајте ја својата култура, не плашете се од мршојадите. Негувајте ја својата душа, не плашете се од глутницата волци. Живејте, сакајте се еден со друг, не откажувајте се од љубовта.
Мудроста е подобра од сребро и злато.
А плодовите на Вавилон? Вавилон не дава плод.

Ова не се мои зборови, ова се зборови на Боб Марли. Мислам дека тие сами за себе кажуваат зошто тој е толку сакан и толку добро познат. Дури и да сакав не би можел да најдам подобри зборови од неговите сопствени, со кои би го објаснил неговото значење и би ја доловил големината на неговата личност.