Dubioza Kolektiv и S.A.R.S. во Битола

Напишано од Дејан Настани

Bitola Open City е фестивал кој веќе 10 години се оддржува во организација на Младински културен центар - Битола. Ексклузивно, како дел од програмата за овогодинашното издание на фестивалот потврдени се настапите на познатите бендови Dubioza Kolektiv и S.A.R.S.

Целта на фестивалот е да придонесе во афирмацијата на Битола како град со позитивни вредности и креативна енергија и нејзина промоција како центар на прогресивната младина на Балканот. Фестивалот традиционално се одржува во втората половина од месец aвгуст, со што му дава посебен белег на летото кое завршува.

Dubioza Kolektiv

Dubioza Kolektiv е бенд од Босна и Херцеговина, познат по специфичниот звук комбиниран од хип-хоп, реге, даб, рок и Босански фолклор и текстовите кои содржат моќни политички пораки. Формиран е во 2003 год. како спој од бендовите Gluho doba Against Def Age (Зеница) и Ornamenti (Сараево). Новиот албум, „Wild Wild East“ се очекува да излезе оваа есен.

S.A.R.S.

S.A.R.S. е бенд кој доаѓа од Србија, а стана познат пред неколку години веднаш по издавањето на првиот сингл „Budjav lebac“. Нивната музика се карактеризира како спој на поп рок, реге, блуз, џез, хип хоп и етно. Настапот во Битола ќе го искористат за промоција на нивниот најнов албум „Perspektiva“ кој е достапен за бесплатно преземање од сајтовите на MTV.

Настапите се закажани за 26ти август на Олимписки Базен, Битола. Повеќе информации околу фестивалот ќе бидат објавени наскоро.