Интервју: Ephraim Juda
Напишано од Интервјуа
Ephraim Juda е пејач кој доаѓа од Берлин, Германија. Во последните неколку години берлинската сцена исфрли неколку одлични реге-пејачи меѓу кои е и Ефраим Јуда. Минатата година во јуни го издаде својот деби-албум „Coming Home“ кој веднаш се искачи на третото место на германската реге топ-листа.
На крајот од минатиот месец Ephraim беше дел од првиот македонски реге фестивал Big Up Skopje.
Кога и како почна да се занимаваш со реге музика?
На четиринаесетгодишна возраст, еден пријател ми го даде „Legend“ албумот од Bob Marley и ме наговори да го слушнам. На почетокот музиката и звуците од неговиот албум беа нешто сосема ново за мене, а и ритамот од Карибите генерално беше многу поразличен од моето тогашно музичко искуство. Како и да е, почнав да го слушам бидејќи го ценев вкусот за музика на мојот пријател и имав големо почитување за неговото музичко расудување на некој албум. Да ја скратиме приказната, одтогаш сакав да ја разберам музичката и стиховната позадина на регето. Одтогаш започна се, го основав мојот прв реге бенд, започнав да пишувам текстови и да компонирам мои песни. И еве ме сега (се смее).
Кои музичари ти се омилени?
И немам баш некој музички идол кој би можел веднаш да го именувам, не оди тоа така лесно со мене. Многу различни стилови го задржаа моето внимание во текот на последните неколку години, како резултат на тоа ги слушав најдобрите интерпретатори и многу различни проекти кои ме заинтересираа. Регето е основата на мојата музика и ако треба да набројам неколку омилени изведувачи тоа би биле Damian Marley, Capleton (во времето кога Modern Roots излезе и неговиот албум „Still Blazin“ беше најјакото нешто), Anthony B и уште многу други од овој стил, иако моето музизчко влијание е поразлично сега.
Прочитав дека песните си ги пишуваш сам. Во што наоѓаш инспирација за текстовите?
Инспирација за текстовите на песните ми доаѓа едноставно од искуството што го имам и се она што го гледам што се случува на улиците. Некогаш пишувам за одреден наслов, а некогаш пак за некое чувство коешто се обидувам да го доловам со зборови. Би можел да пишувам за се, се додека мислам дека е интересно, забавно или пак е приказна која вреди да се раскаже. Важно ми е моите текстови да се значајни или барем да имаат некаква смисла. Не ми се допаѓаат песни во коишто имам чуство дека текстот е само за да дополни некоја празнина и зборовите лесно би можеле да се заменат со други. Па така мојата цел е да пишувам добри текстови и да раскажувам приказни со кои слушателите би можеле да се поврзат.
Колку реге музиката е прифатена од луѓето во Германија?
Би рекол дека во Германија регето никогаш не било поприфатено од денес. Имаме неколку големи реге фестивали кои се вбројуваат во едни од највлијателните во Европа. Мислам дека имаме витална реге сцена, но регето не е блиску да стане меинстрим. Мислев дека со успехот на Gentleman ќе се сменат работите и луѓето ќе бараат за повеќе реге музика на радијата, но тоа и не направи некоја поголема разлика. Како и да е, лесно можат да се најдат sound system-и во сите поголеми градови во Германија, а поголемиот дел на слушателите редовно одат на нивните забави. Исто така има германски реге проекти како Mono & Nikitaman или Jamaram кои се на работ на вистински успех, но луѓето овде тоа не го глеадаат како вистинска реге музика или како регето да е само дел од музиката на овие проекти.
А Растафаријанското движење?
Тешко е да се каже. Не знам колку луѓе се сметаат за растафаријанци во Германија. Знам некои луѓе кои дефинитивно се нарекуваат растафаријанци или барем тие ги практикуваат повеќето од најпознатите растафаријански верувања. Но бидејќи не е религија и нема одредени закони дури и е тешко да се каже кои се верувањата, ако ме сфаќате. Тоа е прашање за кое вреди да се има посебно интервју и посебна дискусија.
Дали реге музиката за тебе претставува само вид на музика, или начин на живот? Се сметаш ли за растафаријанец?
Mислам дека регето е и тип на музика и начин на живот. Секој музички жанр си има посебни форми и музички традиции кои би можеле да се негуваат без многу внимавање на животниот стил. Реге музиката е специјална до тој степен што има силна африканска позадина и нејзиното наследство од деновите на ропството е уште актуелно во текстовите на многу исполнувачи. Исто така реге музиката ја носи надежта и соништата на сите Јамајканци уште од времето кога Јамајка стана независна. Исто така се нарекува и „Музика на страдалниците“ затоа што е гласот на сите луѓе кои вообичаенот немаат шанса да бидат слушнати. Ги осудува неправдата и корупцијата што се случуваат во денешното општество. Од друга страна реге музиката силно ни порачува дека слогата и взаемното почитување помеѓу сите луѓе ќе направат добра промена. Мислам дека ова е ставот во кој Германците и Европејците можат да се препознаат. Имаме различни проблеми или пак исти проблеми но во друга димензија, но како и да е тие мора да се решат заеднички, мислам дека тоа е каде што интересот и разбирањето се среќаваат. И кратко да одговорам на вториот дел од прашањето, не се сметам себе си за растафаријанец, но се пронаоѓам во идеалите за љубов, разбирање и слога. Животот стана прилично материјален и луѓето престанаа да се грижат едни за други, тоа мора да се смени.
Соработуваш ли со други артисти во Германија и странство?
Да, имам соработувано со некоку артисти од Германија. Еден од нив е Mr. Reedo од Culcha Candela, најверојатно го знаете, нивната песна „Hamma!“ беше број еден насекаде низ европа. Со него ја напишав песната „Revolution time“ која мошне добро беше прифатена од публиката во Македонија. На мојот албум „Coming Home“ исто така има соработки со Boti, одличен гитарист и пејач од Унгарија, како и со Jahcoustix и Sara Lugo. Моментално работиме на повеќе интернационални соработки.
Кажи ни нешто за твоето доаѓање во Македонија и настапот на Big Up Skopje Festival. Како ти се допаднаа фестивалот, земјата и луѓето?
Беше прекрасно. Дојдовме во Македонија со моите пријатели од Urban Tree Music, мојата издавачка куќа, и многу уживавме. Сите луѓе што ги запознав беа супер дружељубиви и уживаа во музиката толку многу колку што уживав и јас. Сите си поминавме одлично, шоуто во неделата беше опасно. Ако сакате да ги видите импресиите, може да го погледнете видеото кое го направивме и го закачивме на нашиот YouTube канал (www.youtube.com/urbantreemusic). Што друго да кажам? Дојдовме во Македонија со автомобил, возењето беше одлично. Исто така снимивме мал филм за време на патувањето, кој исто така може да го погледнете на нашиот YouTube канал. Ох, и би сакал да им се заблагодарам на сите луѓе кои беа вклучени во подготовката и одржувањето на фестивалот! Big up Дејан, Ja’man, Мартин, Ива и сите дечки од организацијата.
Какви ти се плановите за во иднина?
Од октомври до февруари 2012 ќе бидам на специјална турнеја со артистот од нашата издавачка куќа Singin Gold во склоп на sound system шоу. Ќе биде одличен спој на Dubstep, Dancehall и Modern Roots. Во септември, заедно со дечките од мојот бенд започнуваме со снимање на мојот нов албум. Претпоставувам дека ќе биде издаден во февруари 2012, ќе видиме. Моментално работам на компилација и Dancehall EP, па нема да ми биде здодевно во наредните неколку месеци (се смее).
Ти благодариме за интервјуто, дали имаш некоја порака до читателите на Reggae.mk?
Да! Останете прекрасни какви што сте. Ќе се обидам да дојдам во Македонија наскоро, се надевам дека ќе се видиме! Ако сакате проверете ја мојата музика на YouTube и бидете ми пријател на Facebook. Се најдобро до сите. Ви благодарам за читањето.