Интервју: Гето Руди (Актив Раста Селекторс)

Напишано од Дејан Интервјуа

Дружината „Актив раста селекторс“ е првиот македонски саунд систем и има настапувано во повеќе градови во Македонија, Србија, Косово, БиХ и Хрватска. Погледнете го интервјуто со Дејан Василевски, познат како Гето Руди.

Како се „навлече“ на реге-музиката? Кои беа твоите први омилени артисти?

Во младоста слушав рок и ска-панк. Некаде во 1995/96-та почнав да ги истражувам корените на ска и стигнав до Јамајка. Таму ги открив регето и растафаријанството. Морам да истакнам и дека бендот „Саблајм“ заврши голема работа во мојот целосен преод од рок кон реге. На почетокот беше Марли, потоа Денис Браун, Брнинг Спеар и „Ју-Би 40“. Денес ги слушам Албороси, „Морган Херитиџ“, Милион Стајлз и германската реге-сцена (Џентлмен, Спикер Дејвис алијас Џуниор Бантон, Ефраим Јуда, Сара Луго).

Како стана дел од реге-сцената во Македонија? Раскажи ни ги почетоците на „Актив раста селекторс“ (Active Rasta Selectors)?

Како навлегував во регето, така сфаќав дека во Македонија нема ни сцена, ни извори од каде што можат да се црпат информации. Интернетот не беше многу развиен. Така почна целата работа. Со „илегално“ сурфање на Интернет, со „илегално“ купување ЦД-а на „Амазон“, со „илегално“ принтање на факултетскиот копир на материјалите што си ги симнал од нет. Се поклопија коцките, почнав со реге-емисија на Студентско радио, тоа е 1998-та. Емисијата се викаше „Гето Руди – враќање на стариот звук“, па така ми го залепија тој прекар, што остана до ден-денес. Потоа беше „Студентски збор“, таму пишував за реге. На крајот дојде месечникот „Урбан магазин“ и соработката со Јаман. Се појави Рутбој од Струга и тројцата го основавме првиот саунд систем во Македонија – „Актив раста селекторс“. Подоцна Рутбој нè напушти, поради далечината Скопје-Струга. Како саунд систем работиме веќе 11-та година. Сме пуштале музика речиси секаде, по цело Скопје, по цела Македонија и по цела поранешна Југославија.

Active Rasta Selectors

Според тебе, што ја одбележа минатата година на полето на овој музички жанр?

Неколку години од Јамајка излегува еден звук, што не е ни реге, ни денсхол, ни аренби, ни хип-хоп и ги окупира топ-листите. Јамајчанското реге е во криза и време е европското реге да го преземе приматот. Не можам да издвојам ништо забележливо на реге-сцената минатата година. Од друга страна, 2011-та беше тажна. Повеќе прекалени реге-борци се „преселија“ на Сион: Бери Левелин од „Хептонс“, Леонард Дилон од „Етиопијанс“, Лојд Ниб од „Скаталајтс“, продуцентот Филип Фатис Барел, Смајли Калчр, Купер Кет итн., се навршија 30 години од смртта на Боб Марли. Буџу Бантон „заглави“ во затвор, Вајбз Картел е осомничен за убиство…

Можете да се пофалите со успешно организираниот реге-фестивал „Биг ап Скопје“ (Big Up Skopje) минатиот јуни. Дали имате некои планови за оваа година?

Планот е да се продолжи со исто темпо. Нема застанување сега, кога веќе нешто позитивно почна да се случува и кај нас. Посакувам повеќе странски бендови и диџеи да гостуваат во МКД и нашите бендови и селектори да излегуваат „надвор“ и да прават успешни реге-журки.

Гето Руди Гето Руди

Мислам дека реге-сцената кај нас е особено мала и неактивна. Како би можело да се промени ова?

Иако важиме за очајно лоша сцена на светската реге-мапа, минатата година беше одлична за реге-сцената во МКД. Џентлмен имаше концерт, го организиравме првиот реге-фестивал – „Биг ап Скопје“, кој имаше одлична посетеност, „Конкеринг лајон“ од Тетово го објавија вториот албум и не престанаа со турнеи низ регионот, двата реге-бенда од Скопје, „Канон“ и „Коноп“, се особено активни, се појавија Скипи & Тајзи со две фантастични реге-песни, се појави сајтот „Reggae.mk“, имавме гостувања на повеќе српски саунд системи, „Актив раста селекторс“ прославија десет години од постоење во ноември со настап на „Реге Србија Фест“, што се одржува четврта година по ред во Панчево. Се појавуваат млади реге-селектори и тоа најмногу ме радува. Од младите морам да ги издвојам Ајри Скреч и Раста Срна. Ако го задржиме овој ритам и оваа година, мислам дека реге-сцената нагло ќе скокне кај нас.

Благодарам на одговорите. Можеби имаш некоја порака до читателите на Reggae.mk?

Да не бидам погрешно сфатен, но слушајте модерно реге! Секоја чест кон Марли, но тоа е веќе историја…

Потсетување: Секој понеделник од 22 ч. може да се забавувате со реге и ска заедно со Гето Руди во клубот „Круг“ во Скопје.