Од ска корените до ска хибридите

Напишано од Гето Руди Архива на Гето Руди

Како што е ред, приказната ја почнуваме од почеток. Текстот подолу зборува за музичкиот правец од кој тргна сè. Првпат е објавен во „Студентски збор“, 2001 година, датум и број – непознати.

Без оглед на тоа како ја трасирате музичката историја, хиперенергичните „трубаџиски“ звуци и ритми не можат да се негираат и веќе почнуваат да котираат како високобуџетна комерцијална музика на американските топ-листи. Оваа денешна препознатлива ска мелодија е три, четири, па дури и пет пати преработена од оригиналот произведен на Јамајка во почетокот на шеесеттите години од минатиот век. Затоа се согласуваме дека ска слушателите се зголемуваат исто онака како што расте новиот бран бендови, свирејќи го дистинктивниот сканкерски ритам помешан со панкот, фанкот, металот и – како најекстремно, помешан со латино звуците (популарната хибрид музика што се свири во некои делови на Калифорнија наречена салска или салса + ска). Ако се навратиме наназад во музичката историја, можеме да забележиме дека имало многу ска ритми за изминативе четириесетина години. И сфаќаме дека ска музиката има свои корени и сопствена идеологија, имиџ и култура, што ја прифаќа денешнава младина.

КРАТКА СКА ИСТОРИЈА

Прв бран (Јамајка)

Кон крајот на педесеттите години од минатиот век Јамајка ја „освојуваше“ својата независност од Обединетото Кралство, а патриотски расположените музичари и продуценти од тоа поднебје бараа нов звук што ќе биде типично јамајчански. Согледувајќи ги непријатните услови на островската работничка класа, тие (луѓето што се занимаваа со музика) се обидуваа да изградат ритам што ќе биде стимулативен и ќе го подигнува паднатиот морал за прениско платените дневници. Едно неделно утро во 1959 година, музичкиот пионер од Кингстон, продуцентот Клемент „Коксон“ Дод, заедно со Ернест Ранглин на гитара и Клу-Џеј (Clue-J) на бас, го создава ска ритамот од американскиот аренби и џез (што беше најчеста тема на кингстонските музички состави), потоа од јамајчанското менто (еден вид свинг) и калипсо музиката. На почетокот, продуцентската палка на сер Коксон во неговото „Студио Уан“ го нагласуваше тапанскиот апбит ритам, ставајќи ги во заднина гитарските и дувачките секции. Првиот сингл со ска мелодија се вика „Easy Snappin“ од Теофилус Бекфорд, а од Б-страната е Ернест Ранглин со „Silky“. Но, музиката што се создаваше по другите студија се одликуваше со четириакорден ска ритам на гитарата и нагласено соло на дувачките инструменти.

Обично, критичарите ска историјата ја следат во три фази (бранови). Првиот бран ги вклучува јамајчанските џезери и џез оркестри, што се преориентирале да го свират новиот домашен звук. Први и најпознати се: „Скаталајтс“ (кои претходно се викале „Сателајтс“), со извонредниот тромбонист Дон Драмон, а во составот се уште и Роланд Алфонсо, Томи Мекук (фронтмен), двајцата свират тенор сакс, Лестер Стерлинг на алто сакс, Џони „Дизи“ Мур на труба, Џа Џери на гитара, Лојд Хибс на тапани, Лојд Бревит на бас, Џеки Миту на клавијатури и повремено Леонард Дијон на труба. Интересно е да се спомене дека овој состав свири како придружен оркестар, односно бенд, во „Студио Уан“ на сер Коксон. Други претставници се: Лорел Еткин, Принс Бастер, Дерик Морган, Дезмонд Декер, Бајрон Ли, легендарниот Ернест Ранглин, сите тие се вокалисти или инструменталисти зад кои стои оркестар од десетина членови. Се појавуваат и помлади бендови, кои незаразени од разните музички правци директно навлегуваат во оригиналниот ска звук. Меѓу нив, најпознати се „Мејталс“ со својот фронтмен Тутс Хиберт и тогаш, сè уште, непознатите „Вејлинг Рудбојс“, односно „Вејлинг Вејлерс“ во состав: Боб Марли, Питер Мекинтош, Невил „Бани“ Ливингстон, Џуниор Брејтвејт, Беверли Келсо, исфрлувајќи неколку синглови („Judge Not“, „Terror“, „One Cup Of Coffee“, „Simmer Down“) продуцирани од Лесли Конг (лутиот противник на сер Коксон), кои веднаш се искачуваат високо на јамајчанските топ-листи.

Идеологија, имиџ, култура

Текстовите се одликуваат со социјални проблеми, погледи кон посветла иднина, борба против колонизаторот, подоцна се опеваат љубовта и животот во гетото со неодминливите руд бојс (rude bwoys). Обрнуваат големо влијание на тоа како ќе изгледаат и најчесто се облечени во темни костуми и вратоврски, бели кошули, шапки или качкети, а постојано носат елегантни чевли. Црно-белата комбинација станува заштитен знак на „суровите момци“ од кингстонските предградија, кои се препознаваат себеси во ска музиката. Иако културата не е застапена во некои поголеми рамки ниту во текстовите ниту во музиката (таа, пред сè, им служела за забава), сепак може да се зборува за култура на облекување, начин на живот, изразување чувства преку актуелниот звук. Ова оригинално ска пламна со огромен жар и ја запали целата Јамајка, но исто така бргу и изгоре. Траеше неполни 10 години, а од 1962 година, кога беше најголемата експанзија, до 1966-та, кога го достигна својот зенит, се појавија и оставија свој белег многу бендови. Некои од нив брзиот ритам го заменија со побавните потомци рокстеди и реге, а некои од нив целосно згаснаа. Како сведоштво за своето постоење оставија безброј синглови и премалку албуми, што и онака многу скромно се појавуваа на Балканот.

ВТОР БРАН (ОБЕДИНЕТО КРАЛСТВО)

Причината за појавување на вториот бран на ска музиката е миграцијата на Јамајчаните во британските градови и мешањето со локалното население. Така, смиреноста на регето почнува да се меша со агресивноста на новооткриениот панк, да се модифицира и да се создава нов звук што ќе има два корена: јамајчански и англиски. Музиката станува поконцизна и побрза од првиот бран, а дувачките секции излегуваат напред носејќи ја мелодијата. Звукот првпат се слушнал во Ковентри, а го инвентира бендот „Спешл А.К.А.“ во 1979 година, снимајќи го првиот сингл „Gangsters“. Подоцна истата година под името „Спешлс“ ја издаваат својата најпозната песна „A Message To You Rudy“ за издавачката куќа „Ту-Тон“ (2-Tone). Веднаш потоа таа музика е наречена ту-тон, а можеби тоа е најреално, бидејќи по британските градови повторно се појавува црно-белата комбинација како начин на облекување, а ритам-гитарата постојано свири два акорда, два тона. Ту-тон ритамот ја мешаше црната музика со белата, мешаше две култури. „Иако го знаевме и го слушавме оригиналното ска од Јамајка, ние, всушност, бевме панк бенд што свири реге“, велат членовите на „Спешлс“, „не сакавме да создадеме чедо на тоа оригинално ска, едноставно, го правевме она што ни доаѓаше, а публиката го прифати тоа“. Впрочем, така е. Ту-тон бендовите се панкери што свират реге. Овој нов звук почна да се шири исто така бргу како и претходниот, пред декада и половина на Јамајка.

Бирмингам, Манчестер почна да ги зафаќа ту-тон ритамот, а во Лондон, во исто време, се појавуваат „Меднес“, коишто го свиреа блубитот (blue beat), правец произлезен од оригиналното ска, свирен на крајот од шеесеттите и во почетокот на седумдесеттите во Јамајка и Англија. Нивниот прв сингл, „The Prince“, посветен на Принс Бастер, еден од лауреатите на јамајчанското ска, но и маестро на блубитот, предизвика огромен публицитет. Бендот во состав: Греам „Сагс“ Мекферсон – вокал, Марк Бедфорд – бас, Крис Фореман – гитара, Ден Вудгејт – тапани, Мајк Барсон – клавијатури, Ли Томсон – сакс, Чес Смеш – труба, својот звук го нарекуваат „нати звук“ (the nutty sound). Се појавуваат бендовите: „Беат“, кои влечат кон регето; „Селектер“, кои се повеќе настроени кон панкот; бендот на Бастер Блудвесел, „Бед Менерс“, кој создаваше музика што правеше интересна атмосфера („Lip Up Fatty“, „Kan-Kan“, „Ne Ne Na Na Na Na Nu Nu“); „Бадиснечерс“, а во 1980 година „Спешлс“ го издаваат првиот ту-тон албум потпишан од „Крисалис рекордс“. По неколку години исфрлање по една или две плочи сцената замира, бендовите се обидуваат да сторат нешто околу тоа, но она што излегува како музика веќе не е ту-тон. Кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век почнуваат да излегуваат компилации со хитовите на овие бендови или, пак, „Бест оф…“ албуми во обид правецот повторно да заживее, но ништо од сето тоа. Во 1997 година „Спешлс“ го издаваат „Guilty Till Proved Innocent!“ и тргнуваат на турнеја, а „Меднес“, живуркајќи низ децениите, објавувајќи неколку слаби плочи, во 1999 година го издаде „Wonderful“. Најголемите претставници на ту-тон ска музиката на овие албуми, едноставно, не можат да се препознаат себеси. Ако за „Guilty…“ на „Спешлс“ можеме да дадеме некаква задоволителна оцена (вклучувајќи ја тука и нивната старост, т.е. зрелост), за „Wonderful“ мораме да речеме дека е целокупно сивило.

Сепак, она што го сторија ту-тон групите во музичката историја не смее да се потцени – ниту како идеологија: многу радикални текстови против расизмот, класната нетрпеливост, животот во „бетонските џунгли“ – ниту како култура: микс на два различни народа, со свои обичаи, стилови на облекување, навики. Ту-тон оставија белег.

ТРЕТ БРАН (САД)

Третиот бран почна во Соединетите Американски Држави кон средината на осумдесеттите години како обнова на ту-тон етикетата со бендовите „Бим Скала Бим“, „Тоустерс“, „Оперејшн Ајви“, „Фишбоун“, „Ренсид“, но силната андерграунд сцена развиена во Њујорк, Чикаго, Бостон, Лос Анџелес и во најпродуктивниот Сиетл направи третиот бран звучно да мутира. Претходно, „Клеш“ и „Бед Брејнс“ мешаа чисти ска и реге песни во суштината на панк-рок и хард-кор звукот. Денес, музичарите го мешаат ска со секакви правци. На едната страна се оние што себеси се декларираат како чисти ска бендови. Проникнати од звукот и културата на „старото ска“, тие не ја менуваат основната формула донесена од шеесеттите. Текстовите стремат кон политички пораки за класната и расната поделеност, а имиџот сè уште е црно-бел. На другата страна се наоѓаат бендовите што во почетокот ги нарекувале „фанк-панк-реге-ска-метал“, потоа компромисно скратено во „ска-кор“. За нив се вели дека звучат типично американски. Овие групи како подлога го имаат ту-тон звукот, а за некои од нив „Спешлс“ е бендот што ја измислил ска музиката (?!). Еден од првите бендови (ако не и првиот) што свирел ска-кор е „Мајти Мајти Бостонс“. Овој осумчлен состав, под водство на харизматичниот водач, вокалист и текстописец Дики Барет, со другите членови на бендот: Џое Гитлман – бас, Тим Бартон – сакс, Џое Сајројс – тапани, Денис Брокенбороу – тромбон, Нејт Алберт – гитара (заменет со Лоренс Кац), Кевин Линијар – тенор сакс (заменет со Роман „Шоумен“ Флајшер) и Бен „Лепречуан“ Кар (кој не свири на ниеден инструмент, но затоа игра на сценските настапи, ги мести инструментите, помага…), досега има објавено седум албуми и едно ЕП „Ska-Core, The Devil & More“ (1992). Албуми што не смееме да ги изоставаме се првиот „Devils Night Out“ (1990), „Question The Answers“ (1992) и „Lets Face It“ (1997). Овој бенд претставува темел околу кој се гради целиот трет бран. Тие се единствените што сè уште го застапуваат црно-белиот имиџ.

Други попознати бендови што свират ска-кор се: „Бак-О-Најн“, „Вуду Глоу Скалс“, „Голдфингер“, „Суисајд Машинс“. Има бендови што имаат поголемо влијание од панкот или од поп музиката. Ска-панк звукот ни го претставуваат албумите: „Losing Streak“ (1997) и „Hello Rockview“ (1998) на „Лес Ден Џејк“; есенцијалните „Turn The Radio Off“ (1997) и „Why Do They Rock So Hard“ (1998) на „Рил Биг Фиш“, потоа „Мед Кедис“, „Инсајдерз“, извонредните Јапонци „Кемури“ со „Little Platmate“, „77 Days“ и „Senska Senrui“, потоа Бугарите „Уикеда“ со „Револуција“ (1999), каде што, во голема мера, има џез елементи, и нашите „Суперхикс“ со деби-албумот „Чекај бе, викам… Каде бе, малку!“. Во овие каша (stewy) групи ги издвојуваме и оние што свират поп-ска, а најголеми претставници се „Ноу Даут“. Бенд составен од провокативната вокалистка Гвен Стефани, од басистот Тони Канал, гитаристот Том Дамонт и тапанарот Адријан Јанг. Нивниот карактеристичен звук го среќаваме во првите три албуми: „No Doubt“ (1992), „Beacon Street Collection“ (1995), „Tragic Kingdom“ (1995), албумот што ги направи славни, но не и на последниот, каде што воопшто не се сретнува ска песна. Други поп-сканкери се: „Спринг Хилд Џек“, „311“ итн. Ако никогаш не сте ја слушнале музиката на третиот бран, веднаш побарајте ги или „Рил Биг Фиш“, „Мајти Мајти Бостонс“ или „Но Даут“.

МАЛКУ ЗА ИДЕОЛОГИЈАТА

Покрај оние што ја почитуваат ска традицијата, има голем број бендови што целосно ја отфрлаат ска етикетата, бидејќи тоа е само еден од многуте звуци во нивниот микс. Тие не ја почитуваат ска модата (го негуваат скејтерскиот начин на облекување и живот), нивните текстови повеќе зборуваат за сексот или за гледање телевизија, за пијаната ноќ во барот, за здодевниот ден, отколку за политичката и расната идеологија, што беше обичај кај првиот и вториот бран.

И ЗА МУЗИКАТА

Традиционалниот ска звук својот ритам го нагласуваше со сите инструменти истовремено, имаше простор и за дувачките и за ударните и за жичените инструменти. Но, почнувајќи со ту-тон, ритам-секцијата останува само за гитарата или клавијатурите, додека трубите добиваат целосна слобода. Ска басот сè уште се обидува да биде едноставен. Целата работа се состои во синхронизацијата. Басот ја носи мелодијата, ја поддржува и прави таа да биде ритмичка и ефективна. Кај ска-кор бендовите, пак, на басот му се дава шанса тој да „збудали“, бидејќи ритмите постојано се менуваат. Како и да е, ска отсекогаш претставувала музика што те тера да го мрдаш телото и да играш.

РЕЗИМЕ

За секој музички жанр постојано било добро да се предизвика основниот модел, измислувајќи и внесувајќи нови звуци, па така чистите ска наспроти ска мешавините (pure ska VS ska core/stewy) и неговите полемики изгледаат бесмислено во музичката историја. Ска почна како хибриден звук и продолжи да се развива исто така, на различни континенти, во период од четириесетина години. На крајот, новите бендови им презентираат музика на слушателите кои можеби досега не ја слушнале и во неа се обидуваат да кажат дека сите треба да замолчат и да почнат да сканкираат.