Одлична реге забава на Big Up Skopje

Напишано од Крум Јаневски, Дејан Настани

Во изминатите три дена на градската плажа „Камен Мост“ во Скопје се одржа долгоочекуваниот и прв македонски реге фестивал „Big Up Skopje“. Најпрвин фестивалот изгледаше како да нема да достигне некоја поголема атрактивност, но потоа се претвори во тотално лудило.

На првиот ден од фестивалот диџеите воглавно пуштаа drum ‘n’ bass и dubstep музика. Започнувајки од 19 часот плажата беше празна, а повозрасните луѓе што се шетаа покрај плажата велеа „Каква е оваа чудна музика?“. По неколку часа плажата се наполни и „чудната музика“ направи лудило. Луѓето разрипани и полни со енергија ја направија вечерта мошне возбудлива.

Џенерал Ливи настапува 40 минути до еден час, ако му се допадне, а вчера настапуваше 90 минути.

Вториот фестивалски ден реге диџеите го започнаа уште во 12 часот. Во 19 часот на сцената настапи младата диџејка Mika Raguaa од Германија и сите се разиграа на нејзиниот необичен и професионален стил, а по неа со свој реге сет следуваше диџејот Kantriman од Словенија. За кратко, на сцената излезе и германецот Ephraim Juda кој испеа неколку песни како најава за неговиот целосен настап кој се случи наредната, последна вечер. Одличната атмосфера на фестивалот кулминираше со 90 минутниот настап на ѕвездата на вечерта, General Levy кој беше придружуван од нашиот познат диџеј Славе. Вечерта заврши со Mafia Sound System.

– Џенерал Ливи настапува 40 минути до еден час, ако му се допадне, а вчера настапуваше 90 минути. Досега го немам видено да настапува саатипол. И обично после журка си оди, а оваа вечер остана и на крајот повторно се врати на сцената – изјави Гето Руди, еден од организаторите на фестивалот.

Третата вечер мразот го скршија тетовчаните Conquering Lion, единствениот бенд кој настапи на фестивалот. Публиката со нетрпение го очекуваше настапот на Ephraim Juda, кој започна околу 22 часот. Како што вети претходната вечер, атмосферата пред сцената беше одлична. Ephraim во текот на целиот настап комуницираше со публиката која задоволна играше и скокаше, а на моменти и пееше со него. Последни за оваа фестивалска вечер беа Natty Fiyah Sound System од Тетово.

– Ова е одличен фестивал, во Македонија треба да има повеќе музички фестивали од различни музички жанрови. Многу сум среќен што конечно реге ѕвезди како Генерал Ливи и Ефраим Јуда почнаа да доаѓаат во нашава држава – изјави еден од реге фановите на фестивалот.