Поделба на регето низ годините

Напишано од Гето Руди Архива на Гето Руди

Како дополнување на текстовите за историјата на регето, решив да го вметнам и овој за поделбата на регето по музички правци. Ова е моја лична класификација, „склепана“ за едно попладне. Листата не е сеопфатна и е обид да се фрли малку светлина за оние што се во реге-џунглата или сега се „навлекуваат“ на регето.

Во мојата поделба на регето и на неговите правци ставив дваесетина линкови. Уживајте во нив и се надевам дека ќе ве повлечат и вие самите да побарате некој линк со добри реге-ритмови и да ги споделите во коментарите подолу.

Основното реге

Тешко е да се ограничи кога почнал и кога замрел овој правец. Може да каже дека основното реге е под влијание на растафаријанството и на крајот доведува до формирање и до доминација на рутс регето.

Скинхед реге

Карактеристично за овој правец од доцните седумдесетти години на минатиот век е што бендовите не можат да се одлучат помеѓу ска и реге. Во својот звук имаат и брзи делници и бавни мелодии. Понекогаш свират типичен „уан дроп“ реге-ритам, со акцент на басот и тапаните, односно на ритам-секцијата, а понекогаш во преден план се двата акорда од ска-музиката.

Рутс реге

Доминираше во седумдесеттите години, пред сè, во Јамајка. Под влијание е на растафаријанството, потекнува од основното реге и има значајни траги од остатоците од африканската култура пренесени на Јамајка, конкретно од ритамот наречен најaбинги (nyahbinghi), што го претставува ритамот на срцето. Најкарактеристични примери се: „Брнинг спеар“, Боб Марли и „Вејлерс“, „Абисинијанс“, „Калчр“. Од рутс регето се развиваат повеќето други правци.

Даб

Оригиналната форма на дабот е ремиксувањето. Најчесто, од оригиналната мелодија се намалуваат тапаните и басовите. Таканаречениот инженер на основата додава други елементи, гласови, звуци, што се повторуваат во недоглед, или делови од рефренот од пеењето во оригиналната песна. Тој често става свои индивидуални делови, како најразлични ефекти, риверб, ехо и сл. Најпознати дабери/дабисти се Кинг Таби, Ли Скреч Пери, Сајантист, Мед Професор.

Британско реге

Кон средината на седумдесеттите години во Велика Британија се формираат реге-бендови составени од емигранти од Јамајка или од Карибите. Најважни претставници се: „Асвад“, „Стил Палс“, „Мисти ин рутс“, „Ју-би 40“.

Лаверс рок

Како што сугерира името, овој правец обработува љубовни теми. Познат по своите достигнувања во оваа област е Грегори Ајсакс, еден од моите омилени музичари. Таканаречениот „Кул Рулер“ беше еден од најпознатите реге-музичари во светски рамки и еден од иноваторите на лаверс рокот. Се прослави во седумдесеттите години, пеејќи реге-балади и соработувајќи со најдобрите ритам реге-музичари, Слај Данбар и Роби Шекспир. Негова најпозната песна е „Night Nurse“ (како што забележувате, има неверојатни 9.500.000 преслушувања), испеана во 1982 година, песна на која сè уште се прават ремикси и сè уште е актуелна на реге-журките низ светот. Инаку, има објавено околу 500 албуми, но повеќето од нив се компилации.

Даб-поезија

Во 1978 година во Англија се појавува албумот „Dread Beat an` Blood“ на Линтон Квеси Џонсон. Тој ги интерпретира своите песни на рутс реге-мелодии. Друг важен претставник е Мутабарука, кој доаѓа од Јамајка.

Африканско реге

Во 1982 година се појавува првиот голем реге-албум од Африка, „Apartheid is Nazism“ на Алфа Блонди. Оттогаш, постојат голем број на африкански реге-артисти, од кои Алфа Блонди (Брегот на Слоновата Коска) и Лаки Дјуб (Јужноафриканска Република) се најуспешните. Иако Дјуб беше убиен пред неколку години, при обид да биде ограбен, неговата музика сè уште се слуша глобално.

Денсхол (од околу 1980 година)

Во тоа време, музиката станува модернизирана и компјутеризирана. На сцената доминираат диџеи и тоустери, слакнес (експлицитни текстови) е стилот што носи слушаност. Првите слакнес-артисти се Нинџаман, Шаба Ранкс и албино-јамајчанецот Јелоуман. Кон средината на осумдесеттите години од минатиот век, во т.н. дигиталната ера на регето, многу од реге и денсхол продукциите се создадени на компјутер. Тука можете да го преслушате тој фамозен реге/денсхол звук, а во наредниот правец (рага) да преслушате како се развива истиот ритам.

Рага (исто така рагамафин, од околу 1992 година)

Во песната „Murder She Wrote“, направена од Шака Димус и Плаерс, тапанарот Слај Данбар комбинира индиски бангра и реге. Така, тој го создава рага-ритамот, каде што рутс регето често целосно се остава во заднината, за возврат на минималистичкиот променлив ритам на банграта. Комбинирањето на овој звук и на стариот реге/денсхол довело до развој на новиот денсхол, односно денсхолот на 21 век.

Ју-кеј рутс/нов рутс/дигитален рутс/степерс

По доминацијата на денсхолот во осумдесеттите години во Велика Британија, на крајот од декадата музичарите почнуваат да произведуваат мелодија на реге-основа со користење на современата технологија, од некои наречен и бел реге-звук, затоа што најчесто е создаван од белите Британци, но вокалите секогаш се пеени од емигранти од Јамајка, односно на јазикот наречен патва. Ритамот го носат фусот и чинелите од тапаните и е многу побрз од основното реге, иако басот ја држи бавната линија. Ејдријан Шервуд, „Дисиплс“, „Саунд Ајрејшн“, „Алфа и омега“ „Ајрејшн степас“ се главните претставници на овие музички потстилови.

Модерен рутс (мојот омилен стил во регето)

Почнува во 1992 година во Јамајка со појавувањето на Гарнет Силк (еден од моите омилен пејачи, прерано починат). Правецот ги оживува рутс-вредностите, најпрвин во текстовите, а подоцна и музички. Сцената е заситена од слакнес-денсхол, па овој правец се нарекува и коншус (conscious) реге. Продукцијата е помодерна и звукот е поквалитетен и побрз. Подоцна повторно почнуваат да се користат „вистинските“ инструменти, за возврат на дигиталниот денсхол-звук. Наследници на звукот на Гарнет Силк се: Лучијано, „Морган Херитиџ“, Кеплтон, Сизла, Ентони Би итн.