Раѓањето на Јамајка

Напишано од Гето Руди Архива на Гето Руди

По повод 51 година независна Јамајка, која го прослави Денот на независноста на 6.8.2013 година, еве еден текст за „раѓањето“ на островот. Презентиран е во реге-изданието број 7, во емисијата „Чил селектор“, на Радио „Равел“, во четврток, 20 јануари 2005 година.

5 мај 1494 – Кристофер Колумбо го пронаоѓа островот при своето второ патување кон Индија. Името, што му го дал на планинскиот остров, широк околу 235 километри и долг 85 километри, доаѓа од аравакското Ксајмака (Xaymaca – „земја од вода и шуми“, а во некои преводи „земја на извори“). Таму не наоѓа злато, па продолжува разочаран да плови понатаму. До својата смрт во 1506 година пронаоѓачот на Америка бил убеден дека го пронашол западниот поморски пат до Индија; оттаму името Западна Индија за островскиот свет од Централна Америка и обележјето Индиос, т.е. Индијанци за пражителите на овој простор. Името Кариби доаѓа од 15 век.

1503 – Кристофер Колумбо за време на своето четврто патување се разболува и под тешки околности поминува една година на Јамајка.

1509 – Диего Колоњ, синот на Кристофер Колумбо, се враќа на Јамајка и го зазема островот во името на Шпанија. На север го основа првото село наречено Нова Севилја, а малку подоцна на југ – Вила де ла Вега. Градот бил прва престолнина и 350 години главен град на земјата, денес се вика Спениш Таун.

1570 – Од 100.000 индијанци Аравак на Јамајка, кои работеле како земјоделци и рибари немало ниту еден. Или умреле на полињата на кои биле принудувани да работат од Шпанците или умирале од заразните болести донесени од Европа (на пример: чума, сифилис, сипаници и слично).

1643 – Уште еден обид на Англичаните да ја заземат Јамајка, што завршува исто како првиот во 1596 година – неуспешно.

10 мај 1655 – Англичаните ја освојуваат Јамајка и почнуваат да обработуваат шеќерна трска, подоцна и какао. За работа на плантажите импортираат црни робови од западна Африка.

1670 – Со договорот во Мадрид, Шпанија официјално ја препушта Јамајка на Англичаните. Над осумдесет години се бореле со Англичаните околу 3.000 домородци од планините, пред сè, избегани робови, кои се познати како Маруни (од шпанскиот збор „cimaroon“ што значи „подивени“). Градот Порт Ројал го доживеал своето крваво време како гнездо на крадците и важел за најбогат град на земјата сè до 1692 година, кога потполно бил уништен од земјотрес и притоа потонал во морето. Денес на тоа место се наоѓа пристаништето на главниот град Кингстон.

Од 1750 – Благодарение на трговијата со робови, шеќерна трска и какао, Јамајка е една од најбогатите колонии на Велика Британија.

1807 – Ропството на Јамајка е забрането.

1833 – На Јамајка е донесена одлука за ропството (од први август 1838 година важечко за сите британски колонии). Недостатокот на работна сила на полињата се надополнува со евтина работна сила од Азија, пред сè, Индијци и Кинези.

1846 – Укинувањето на царинските привилегии на Јамајка доведува до тешка економска криза и до социјални нереди. Многу робови ги напуштаат плантажите и добиваат земја во внатрешноста на островот. Напуштените плантажи набрзо банкротираат и следува економска криза. Црнечкото население се бунтува поради дискриминација.

Во октомври 1865 година се крева бунт, на кој владата одговара со сила. Јамајка е прогласена за кралска колонија и со тоа го губи правото на самостојна управа. Година по востанието на црното население, Јамајка официјално станува британска кралска колонија, управувана директно од Велика Британија.

1870 – Кингстон станува главен град.

1938 – Екстремно лошите економски услови (пад на цената на шеќерната трска) предизвикaа нереди на Јамајка. Почнува да се шири растафаријанството.

1944 – Јамајка воведува Устав по примерот на Британија, а Работничката партија на Јамајка победува на првите слободни избори.

1958 – Јамајка станува член на Западноиндиската федерација.

1959 – Јамајка достигнува целосна внатрешна автономија.

6 август 1962 – Со решение на Западноиндиската федерација, Јамајка добива независност, но останува парламентарна монархија под Британија. Странски гувернер ја претставува британската круна.