Рокстеди

Напишано од Гето Руди Архива на Гето Руди

Овој текст зборува за чедото на ска-звукот, односно за „таткото“ на регето – за музичкиот правец наречен рокстеди, кој не живееше ни цела деценија. Презентиран е во реге-изданието број 29, во емисијата „Чил селектор“, на Радио „Равел“, во четврток, 23 јуни 2005 година.

Пет години по ска-експлозијата многу работи во јамајчанското општество се имаа изменето. Почетното воодушевување поради стекнувањето независност (6 август 1962 година) го заменија разочарувањето и бесот, бидејќи политичарите не ги исполнија своите ветувања. Платите и понатаму беа мали, таксите и даноците сè уште големи. Јамајка тонеше во економска црна дупка, што правеше бедата од претходните децении да изгледа како луксуз. Криминалот беше во огромен пораст – бесмислено насилство, напади без причина, тоа беше времето на руд бојзите, кои се шетаа по улиците во костуми, вооружени со ножеви. Оваа публика ја „уби“ ска-музиката.

„Воопшто не можев да се вклопам со придружниот бенд. Постојано пеев побавно отколку што свиреа тие. Така, на крајот, мораа да забават“. Вака Хоптон Луис (Hopeton Lewis) го објаснува создавањето на песната „Take It Easy“, која го одбележа настанокот на новиот правец – рокстеди. Потоа ги снимаат и „Rocka Shacka“, „Sounds And Pressure“ и „Cool Coll Collie“. Во овие песни наместо трубите и тапаните, басот ја презема улогата на водечки инструмент и тоа колку „потежок“ бас толку подобро. Ритамот беше видно забавен.

Рокстеди во себе ги вклучува американскиот соул и новите звуци од Латинска Америка, како што се самбата и боса новата. Се добива со експериментирање, односно со скратување на ска-темпото, бас-линијата ја презема музиката, а тапаните заличуваат на рокенрол-ритам. Оттаму, овој правец си го добива и своето име. Приматот на прв продуцент што создал рокстеди од сер Коксон Дод го презел Дјук Рид, што создало огромен ривалитет меѓу овие двајца, а завршува со банкрот на Рид.

Природно, рокстеди носи културни и социјални промени. Културната солидарност и строгата моралност испливуваат на површина, а сето тоа се пренесува на регето, кое сè уште не е заразено со растафаријанство. Всушност, во тоа време на турбуленции, на Јамајка и во главниот град Кингстон, рокстеди-музиката била етикетирана како „јадро на криминалот“. Тоа не е далеку од вистината, иако рокстеди-групите подоцна станале реге-групи и го прифатиле растафаријанството и сè што оди со него. Значи, се свртеле за 180 степени. Како пример ќе ги земам „Вејлерси“.

Рокстеди-ерата беше ера на вокалните групи, како што беа „Мелодијанс“ и „Етиопијанс“. Клучна фигура во развојот на овој правец беше Дјук Рид, кој во тоа време ги продуцираше бендовите „Парагонс“ и „Техникс“. Други попознати групи и вокалисти се: „Гејладс“, Дезмонд Декер, Боб Енди, Кен Бут, Рој Ширли, Дерик Морган, Алтон Елис.

Младите ска-бендови брзо го прифатија новиот правец. Некои, како „Вејлерси“, на пример, и самите беа руд бојзи. Песните „I Am The Toughest“ на Питер Тош, „Thogher Than Though“ од 1967 година на Дерик Морган, „Al Capone“ на Принц Бастер го славеа овој стил на живот. Руд бојзите беа над законот.

Но, векот на рокстеди-музиката беше дури пократок и од векот на ска-музиката. Веќе во почетокот на 1968 година почнаа да се наѕираат новите музички форми. Новата ера почна со песната „Do The Reggae“ на „Мејталси“. Меѓутоа, регето не излезе веднаш на голема врата. За тоа беше потребно повеќе од една година (иако тој период за некои музички правци не е ништо, на Јамајка издавачките куќи се натпреваруваат која ќе извади повеќе синглови на винил во еден ден, а некои артисти објавуваат и по пет-шест албуми годишно). Дури кон средината на 1969 година почнуваат да се појавуваат комплетни и целосни реге-албуми, во кои не можеше да се најде ни малку рокстеди. Како и да не постоело.

А нам, на посетителите и читателите на „Реге.мк“, ни се приближува времето да се запознаеме со музичкиот правец што секојдневно го живееме – регето.