Запознавање со реге артистот Niyorah

Напишано од Иван Ивановски Рецензии

Nigel „Niyorah“ Olivacce е роден на 9 октомври, 1980 година во Pointe Michel, Dominica. На 4 годишна возраст се преселува на Virgin Islands, со неговото семејство и почнува да стекнува интерес за музиката со слушање на реге колекциите на неговиот вујко и татко, кои вклучувале артисти како што се Bob Marley, Bunny Wailer, Burning Spear и Lucky Dube.

Niyorah

На 16 годишна возраст Niyorah почнува да пее за животот во гетото и неправдите на улиците во Charlotte Amalie. На 18 годишна возраст одлучува и почнува да се занимава со реге музика.

Niyorah вели: Регето го имаше едно од најголемите влијанија на мојот живот. Тоа е тип на музика за кој секогаш сум бил приврзан поради некои мистични причини. Бог ме водеше повеќе од што го правев тоа јас самиот.

Алијасот Niyorah доаѓа од неговиот надимак што го имал како мал, надополнет со името на богот на сонцето Ra, со што тој ја искажува неговата почит кон сонцето и неговата единствена моќ. Музиката му била блиска уште од мал, бидејќи потекнува од музичко семејство. Неговиот дедо е вокалист кој што има добиено награди за неговите изведби на сол и госпел песни. Вујна му пак, Ophelia Olivacce Marie е интернационален пејач и изведува песни на француски јазик. Таа е наречена доминиканско славејче, поради нејзиниот преубав глас.

Песните на Niyorah вклучуваат многу теми, како што се: различноста помеѓу културите, љубовта кон природата, зацврстување на врските помеѓу луѓето (особено луѓето во Африка), духовен развиток и уште многу други теми поврзани со подобрување и подобро спознавање на една личност на самата себеси и својата околина, како и дејствување кон општото добро.

Niyorah има настапувано со познати реге артисти како Sizzla, Junior Reid, Buju Banton, Bunny Wailer, Glen Washington и многу други. Албумите на Niyorah „A different age“ (мај 2005), „Purification Session“(јуни 2006), „Stolen Scrolls“ (јуни 2008) и „Feel your presence“ (јуни 2010) се издадени од една од најдобрите издавачки куќи за реге на Virgin Islands, I Grade Records. Од издавањето на својот прв албум Niyorah има настапувано на повеќе места меѓу кои на Hawaii, Venezuela, Guam и на повеќе карибски острови. Исто така има настапувано и на фестивалите: World Social Forum, Reggae Rising, Baltimore African American Music Heritage и Sierra Nevada World Music фестивалот, како и на многу други.

Со неговата енергија како и неговиот посебен пристап кон сцената, со неговиот бенд Jah Current, претставува спектакл за гледање во живо и неговите настапи се секогаш одлични.

Niyorah

Пред да ја завршам приказната, едно извинување, или подобро објаснување зошто ова не беше стандардна рецензија. Знам дека има правила како се пишува таа и зошо е тоа така, но пишувањето по одредени правила баш и не ми оди од рака. Овој дел е за оние прибирливите кои што кога ќе ја отворат категоријата рецензии и очекуваат стандардна рецензија со сите марифети. Еве да речеме дека ова беше како запознавање со еден реге артист и неговата работа. Се надевам дека ви се допадна текстов без разлика на се.

Уште имам да додадам дека очекувам музиката на Niyorah да ви се допадне и да го збогати вашиот реге репертоар, а исто така ќе ви помогне и да научите некои нови работи, бидејќи таа е секогаш исполнета со прекрасни пораки кои го исполнуваат духот и ги прават луѓето подобри.